Овие лепчиња ми беа вистински предизвик да ги направам. Предизвикот беше многу успешен, а јас презадоволна. Најмногу ми се допадна штосот за да се добие балонесто лепче. Ќе биде објаснето во текот на постапката како се добива. Дозата е за 4 лепчиња.

Прво растворете го квасецот во топла вода и ставете малку шеќер.
Потоа додадете павлака, сол и постепено додавајте брашно. Замесете меко малку лепливо тесто и на крај додадете 2-3 лажици масло и домесете го тестото. Треба да престане да се лепи, а ако уште лепи, додадете лажица-две брашно.
Оформете топка и поделете го веднаш на 8 дела и од секој дел оформете топче.
Покријте ги со најлон фолија и оставете ги најмалку 1 час да нарастуваат.
Пригответе го во меѓувреме меленото месо. Запржете го исечканиот кромид, додадете го меленото месо, динстајте околу 10 минути и на крај додадете сув зачин и црн бибер.
Потоа, сите 8 топчиња раширете ги во кора со помош на сукало во големина на една мала тркалезна чинија.
Од 8те дела ќе добиете 4 лепчиња, значи 2 кори користите за 1 лепче.
Можете веднаш да наредите 4 раширени кори на намастен плех.
Потоа додадете го зајрето оставајќи 2 цм слободни по краевите.
Одозгора затворете ги со преостанатите 4 кори.
Спојте ги краевите спирално како што правите кога правите зелник, притиснете убаво за да нема проток на воздух и оставете само еден мал дел од околу 1 цм неспоен. Во тој дел меѓу двете кори, вметнете подебела сламка и дувајте во внатрешноста додека не се надуе како балон. Извадете ја сламката и веднаш залепете го местото притискајќи го со прстот. Ако ви се дупне балонот, санирајте го нежно дупчето со малку тесто. Мене од 4 лепчиња, едно ми се дупна и ми дојде како зелниче.
Потоа, премачкајте ги многу нежно со разматена жолчка, додадете сусам одозгора и ставете да се печат на 200 степени додека убаво не поруменат.
На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови