Ураган Ролат
Декоративен, многу вкусен ролат, со едноставна постапка за изработка, а со врвен резултат.
Подготовка
1. Прво во еден мал сад го ставаме какаото, ја додаваме врелата вода и разматуваме убаво со лажица да се хомогенизира смесата.
2. Потоа во друг подлабок сад ги ставаме жолчките, маслото, млекото и брашното. Разматуваме со рачна маталка до хомогенизирање.
3. Сега во сад за матење ги ставаме белките, додаваме прстофат сол и миксираме. Кога ќе почне да се запенува смесата почнуваме да го додаваме постепено шеќерот до згуснување (со меки врвчиња). Од оваа смеса додаваме околу 1/3 кај смесата со жолчки, соединуваме со рачна маталка. Сега оваа соединета смеса ја додаваме кај останатата количина од изматените белки, соединуваме убаво со шпатула, со бавни движења.
4. Од оваа смеса тргаме настрана 150 гр, тука се додава какаото, што го растворивме со врелата вода, соединуваме со рачна маталка. Оваа смеса ја ставаме во ќесенце.
5. Во тавче (со димензии 32х24цм) ставаме хартија за печење, ја истураме светлата смеса, рамниме убаво, па врз неа ја ставаме темната смеса со помош на ќесенцето, на кое му го отсекуваме врвот. Нанесуваме рамномерно насекаде, и внимателно рамниме. Сега со помош на рачката од лажица повлекуваме линии прво во вертикален правец, па потоа и во хоризонтален правец, без притоа воопшто да ја креваме рачката на лажицата, и оставајќи растојание од околу 1цм помеѓу линиите.
6. Печеме во загреана рерна на 180 степени (околку 15 минути), но за сигурност проверуваме со чачкалица.
7. Испечениот пандишпан го откројуваме од страните и го вадиме внимателно со хартијата, па го оставаме врз решетка да олади, па потоа ставаме врз него друга мрсна хартија, па дискус, со чија помош го превртуваме ролатот.
8. Премачкуваме со фил по желба и го завиткуваме стегнат ролатот со помош на хартијата. Нека отстои малку, па сечеме парчиња со остар нож.
Забелешка - Ролатот овој пат го завиткав од пошироката страна, така добиените парчиња се помали, но доколку сакате поголеми парчиња завиткајте го ролатот од потесната страна, тоа е по ваш избор. Јас го филував со еурокрем, по желба на децата.
На здравје!
Лиценца: Сите права се задржани