Тиквиња на скара
Штом ќе се појават тиквињата и додека ги има на пазарот, редовно ги подготвувам на овој начин, а посебно ми се најубави додека го има младиот лук со заврзани чешниња.
Иако е едноставна подготовка, сепак сакав да ја споделам со вас.
~ Тиквињата се лупат, се сечат на тркалца дебели 3-4 мм, се посолуваат од двете страни, се оставаат во сад 10-15 минути да пуштат вода и се печат на скара додека да омекнат, но да не изгорат.
Во чинија се редат еден ред печени тиквички, се распоредува лук исечкан на тенки ленти, врз него се распоредува исечкан магдонос, потоа се става маслиново масло и малку сол по вкус (бидејќи тиквињата се солени од претходно).
Постапката се повторува 2-3 пати додека има тиквиња.
Кај нас ова е редовен прилог со скара (додуша за мене е главен оброк бидејќи останатите членови јадат месо, а јас не), брзо за подготовка, и здраво во комбинација со лукот, магдоносот и маслиновото масло.
Според вкусот може да се стави и оцет (јас лично не ставам), а и количината на состојките може да биде произволна.
Лиценца: Сите права се задржани