За Квасот веќе имате рецепт.
Јас користев Квас од бело брашно.

ПOДГОТОВКА НА СТАРТЕРОТ
- Пред да почнете да месете треба да го нахраните веќе готовиот квас со 100% хидратација кој е скор речиси течен. Земете од него 20 гр. квас, додадете во него 20 гр. ржано брашно и 20 гр. вода. Оставете да одстои 3-4 часа. Веќе е спремно за пред-тестото.
Во подхранетиот квас, целиот кој ќе го добиете од предходната припрема, додадете ги двата вида на брашно (по 25 гр. ржано и бело брашно), додадете 50 гр. вода, измешајте со вилушка, покријте со прозирна фолија, оставете да одстои преку ноќ. Околу 10 - 12 часа треба да одстои.

ГЛАВНО ТЕСТО
- Затоплете ја водата, додадете го медот во неа и измешајте да се соедини медот со водата.
- Во садот во кој ќе месите измешајте ги двата вида на брашно, додадете, водата со медот и веќе ферментираниот квас. Грубо измшајте со шпатула или жица колку да се тоа спои (значи не месите) покријте и нека одстои 1/2 час.
- Измашајте ги водата и солта, додадете на тестото. Повеќе време мешајте го добиеното тесто, додадете го и маслото. Покријте и пак нека стои 1/2 час.
- На побрашнета површина истресете го тестото, со рацете растенчете го тестото во форма на квадрат преклопете горната и долната третина према средината, а потоа десната и левата страна према средината. Вака добиената форма оформете ја во округла форма лесно свивајки ги краевите на тестото на внатрешната страна, вратете во садот, повторно нека одстои 1/2 час. По изминатото време повторете ја постапката на преклопувањето.
- Оставете да стасува додека не го удвои обемот, истресето го повторно тестото на побрашнета површина растенчето го со рацете и оформете векна или округла форма - како сакате. Сега веќе можете да го префрлите оформениот леб на добро побрашнета крпа и нека стасува. Стасувањето трае околу 2 часа.
- Во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрее на 250 степени, ставете ја тавката во која ќе го печете лебот да се и таа загрева (имитираме фурна), а под неа и друг сад или помала тавка, тенџерче во кое откако ќе го ставите лебот ќе ставите или вода или коцки мраз за да се створи пареа.
Префрлете го стасаниот леб на загреаната тавка, веднаш ставете вода или мраз, затворете ја рерната и нека се пече 15 мин, на оваа температура. Извадете го садот со водата и намалете ја температурата на 200 степени на која ќе се пече 15 мин, потоа намалете на 180 степени и испечете го лебот до крај - уште 25 минути. Последните 5 мин. можете да го допечете на отворена рерна доколку сакате баш крцкава коричка на лебот. Извадете го лебот и оставете нека се лади на решетка покриен со крпа.

И така драги мои,  јас полека, но сигурно се одлучив да овде ви претставам неколку вида на леб со Квас. Постапката малку повеќе трае, но многу ветува, а кога ќе додадеме тоа што знаеме дека нашите претходници само вака меселе леб... е тогаш место за друг коментар нема, освен да се сложиме дека е тоа она вистинското. Ако некогаш се одважите да направите леб со Квас (било кој рецепт)... тогаш ќе дознаете зошто упорно овде ви пишувам за Квасот.
Напомена
- Кога го преместувам лебот на тавката за печење сакам да го засечам со остар нож или жилет и при самото печење си добива некаква шара, зависно како ќе го засечам лебот.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани