Намаз од лешници (бадеми)
Кога почнав да се интересирам за сирова храна, првиот рецепт кој го направив беше мајонез (намаз) од сончоглед. Бидејќи вкусот ме воодушеви, породолжив да експериментирам и го открив овој намаз, но на почетокот го правев со бадеми. Бидејќи бадемите треба да се лупат после киснењето, тоа стана прекомплицирано за мој вкус па одлучив да пробам со лешници (иако не ми се баш омилени) и... се заљубив!
Лешниците (или бадемите) ги киснам преку ноќ. Урмите ги киснам 15-20 минути. Намазот е добар и без нив, но тие некако го збогатуваат вкусот, а блажината не се чувствува. Сите состојки се ставаат во блендер или процесор и се блендираат дур не се добие хомогена смеса. Додавањето на водата и маслото правете го постепено како би добиле густина која ви одговара.
Ако сакате поредок намаз, ќе ви треба повеќе вода и масло. Од зачини имам ставано ким, куркума, бибер и чили но вкусот на лешникот и на бадемот ми се доволно силни па иако сум обожувач на зачини, овде ги изоставам. Намазот одлично оди со домашен интегрален леб, со крекери и переци. Како додаток маслинки или козјо сирење (доколку не сте веган или не постите)
Мајка ми со сите намази (вклучително и со овој) прави тостови во кои става марула или кинеска салата, краставички, маслинки, сенф... што ќе и се најде во фрижидер!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови