Пекмез од јаболков сок - јаболков маџун
Главната состојка на овој прекрасен Маџун е љубовта кон домашно спреманото и големото трпение- друго ништо нема. Потешко се спрема, но вреди. Мојата мајка правеше од круши, а како дознав од Брнка дека може и од јаболка, си реков да не ме мрзи туку да засукам ракавите. Јаболка се дроби, меле пресува во неограничени количини, само имајте вие воља за работа.
Припрема
- Ако некој има од онаа машинерија за дробење на јаболка и преса за стискање како би истекол сокот... е тогаш на тој блазе си му, лесно ќе си спрема маџунот, тој што нема, а сака да спреми, богами - нема лесно да помине,
Сега вака, како јас го спремав
- Ги чистам јаболката од дршката и семките, нормално сечејки ги на осминки. Ги мелам на машинка за месо прво на крупната решетка. ги ставам во пресата онаа што цедам сокот - лимена со поставена решетка, но има и додатен дел кој служи за налегање, ги пресувам и колку истече сок - толку.
Ги враќам повторно да ги мелам на машинката за месо, но на посината решетка, повторно во пресата и ја повторувам истата постапка, доообро и тоа многу добро да се гмечи како би добила повеќе сок. Го ставам добиениот сок да го цедам преку газа и наливам во тенџере, ставам на оган и варам, варам... подолго време се вари се додека не се добие густина која ќе се точи како мед. Треба да биде потечен - се собира или во тегли или во шише.
- Должна сум да ви кажам дека од околу 1л. бистар сок од јаболката - сигурно ќе добиете околу 200 мл. маџун.
- Ако го растворите воврела вода ќе имате супер чај за кој знам дека вреди да се пие при појава на кашлица.
- Кој имате свои јаболки, а истите почнале да се расипуваат, слободно исчистете го здравиот дел од јаболката и паметно вака искористете ги наместо да идат во канта.
Лиценца: Сите права се задржани