Компирите на Војвотката
Немав идеја што да направам за ручек, па затоа решив да му се “обратам“ на Гугл за помош. По само неколку минути сурфање, наидов на интересен рецепт кој звучи „фенси“ а во суштина е едноставен и лесен за приготвување. Станува збор за Компирите на Војвотката.
Еве како се одвиваше целиот процес. Излупив, исечкав и ставив да се варат во вода со сол и малку чили 10 компири. Кога се сварија ги исцедив и повторно ги вратив во тенџерето. Ги испасирав и додадов две лажици ладен путер и продолжив да мешам. Потоа ставив сол и бибер и додадов павлака за готвење. Уште малку мешав и ставив две жолчки и малку мускатно оревче за да се збогати вкусот. Продолжив да ја мешам смесата уште некоја минута.
Потоа на хартија за печење со лажица вадев од смесата и си ги обликував формите (може и да бидат исти доколку се употребува шприц за колачи). Така наредени ги ставив во фрижидер да отстојат еден час. Според оригиналниот рецепт би требало да се стават во замрзнувачот на 15 минути, но мене не ми се брзаше.
По еден час ги извадив од фрижидер и направив смеса од една жолчка, малку хпавлака за готвење, сусам, сол и мелена црвена пиперка и пред да ги ставам во загреана рерна сите убаво ги премачкав. Во рерна беа 15-20 минути на 180 степени и после тоа беа спремни за послужување.
Јас овој пат ги послужив со печени пилешки копанчиња, ама мислам дека можат да се послужат со што сакате па дури и само со салата. И тоа е тоа, убаво и вкусно. Добар апетит!
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови