Се ближи еден од најголемите христијански празници, а со тоа повторно актуелни стануваат и рецептите за специјалитетите присутни на трпезата за време на Велигден. Па еве и од мене уште еден предлог за да ја збогатите вашата празнична трпеза со оваа блага погача, со убав изглед и вкус.

1. Во сад за месење го ставаме јајцето, шеќерот и прстофат сол - мешаме, па ја додаваме и павлаката, мешаме со рачна маталка да се растопи шеќерот. Сега го додаваме маслото, па квасецот (претходно активиран со млекото, со малку од шеќерот и брашното)- промешуваме, ги додаваме кората и сокот од портокал, па замесуваме меко и нелепливо тесто, со постепено додавање на брашното - просеано.
2. Замесеното тесто го покриваме со стреч фолија и го оставаме на топло место да стаса (околу 1 час) ..... на пример во рерната со запалена сијаличка.
3. Стасаното тесто го делиме на 14 исти парчиња, кои ги формираме во топчиња и ги покриваме со крпа за да не се исушат додека да ја формираме погачата. Почнуваме од првото топче, кое се расукува како ваљак, па го преклопуваме на пола и завиткуваме како јаже (видете додатна слика), па формираме кругче на кое двата краја му ги спојуваме. Во средината ставаме парче желе бонбона (може и локум). Истата постапка ја повторуваме и со останатите 13 топчиња.
4. Во намрсен сад за печење (кај мене правоаголен со димензии 30х15) ставаме хартија за печење, врз која ги редиме сите парчиња малку накосено, во два реда по седум парчиња (видете додатна слика).
5. Формираната погача ја покриваме со стреч фолија, па крпа, ја оставаме на топло место околу 30- на минути, па ја уклучуваме рерната да се загрее на 180 степени. Кога температурата ќе се достигне, погачата ја премачкуваме со јајцето и млекото и ја ставаме да се пече до заруменување (околу 25-30 минути)
6. Испечената погача ја премачкуваме со маргарин.
7. Посипуваме со шеќер во прав.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани