Подготовката на секое пециво си бара посветеност и време. Едноставно не можеш да ги избрзаш работите. За мене козињакот е симбол за Велигденското или Божиќното утро и мајка ми редовно не слади со овој деликатес. Но, сега кога јас сум мајка на две палави две годишни близначиња, предизвикот да се изменаџира расположливото време е удвоен. А деца си бараат месено!

Пребарував идеи, рецепти за успешно да се справам со козињак предизвикот, а при тоа да го добијам оној конец воздушест ефект за меко и ароматично тесто полно со вкус. Ова е од оние теста кои ги месиш од вечер, ги печеш наутро и на крај, топол козињак за сите ! Морам да напоменам дека доколку не сакате рум арома, слободно изоставете го. Алкохолот се губи, ама во секој случај можете да развлечете кора и да ја наполните со чоколаден крем и мелени јатки или џем.

1. Квасецот растворете го со 100мл. млеко и кристал шеќер. Оставете да стаса. За тоа време, просејте околу 600гр. брашно и една лажичка сол, направете вдлабнатина и додадете ги јајцата, разматени со шеќерот, кората од цитрус, ванила арома и махлепот. Полека додадете го останатото млеко и замесете лепливо тесто, со постепено додавање на останатото брашно. Кога ќе се хомогенизира смесата, додадете пола од путерот и месете се додека и тој не се инкорпорира во тестото. Додавајте брашно по потреба, но не претерувајте. Овој чекор ќе ви одземе најмногу време и трае околу 30мин.

2. Во сад оставете го тестото да одмора во топла просторија, покриено со влажна крпа или со позирна фолија, не повеќе од 30-40 мин. За тоа време во сад припремете го сувото грозје и оставете го да стои до наредното премесување.

3. По 40 мин, премесете го тестото, повторно додадете од путерот кој бил на собна температура, процедете го сувото грозје и додадете го во тестото. Добро размесете и вратете го тестото во садот, прекријте со прозирна фолија и одложете го во фрижидер барем 6 часа. А може да стои и до 10 часа . После тоа тестото може да добие горчлив вкус.

4. Пред формирање на тестото извадете го од фрижидер барем половина час, формирајте по желба и оставете го на топло еден час.

5. Загрејте ја рерната на 160 степени. Козињаците премачкајте ги со разматена жолчка со малку кафеав шеќер. Од горе додадете сусам, црно семе, ливчиња од бадеми или малку кафеав шеќер кој ќе го расфрлате со влажни раце. Печете околу 20мин без фолија, па уште 20 минути покриени со алу фолија и уште 5-6 минути, отскриени колку да фатат боја.

И на здравје, козињакот е готов за појадок

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови