Ајвар 3 во 1
Овој намаз го нареков вака зашто воедно е и ајвар, и малиџано и пинџур. Рецептот го правам по втор пат со тоа што вториот пат убаво мерев, за да можам да ги запишам точните состојки прецизно. Дома го обожаваме и планирам следната недела да направам уште една тура.
Подготовка:
1. Прво пиперките се мијат и чистат од дршките и семето. Се притиска со палецот дршката навнатре, се прави дупка, па се вади дршката со се семе. Ако лесно ви оди, за половина час ќе ги исчистите сите. Црните домати се мијат и им се отсекува врвот. Се сечат на половина.
2. Потоа во плех обложен со хартија за печење, се редат пиперките додека има место. Се печат на највисока температура со превртување еднаш, околу 30 до 40 мин. Испечените пиперки се ставаат во поголемо тенџере или тавче и се покриваат со најлон. Се повторува постапката со останатите пиперки. Црните домати може да ги ставите кога сакате. Отприлика ќе треба да повторите уште 3 пати. Така покриени и испечени, ги оставате да отседат неколку часа, јас ги оставив преку ноќ, па утрото ги лупев. Лупењето ми одзеде половина час.
3. Откако ќе се излупат, се ставаат да се мелат во машина за мелење. Имам електрична машина така што за 5 минути беа готови. Друга опција е да се искинат, па со рачен блендер да се доситнат. Првиот пат ги оставив покрупни, вториот поситни - направете по ваш вкус, секако е убаво.
4. Потоа во големо тенџере ставете ги мелените пиперки, патлиџани и доматата да почнат да се пржат на средна температура околу 15 минути. Мешајте. Додадете го постепено маслото и мешајте постојано. Пржете околу 30 минути, па додадете ги сите останати состојки. Мешајте константно и пржете уште 10ина минути, па префрлете го готовиот ајвар во топли тегли и веднаш затворете ги. Од оваа количина добив 5 и пол големи тегли. Откако ќе се оладат теглите, префрлете ги во фрижидер.
На здравје.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови