Јарешка чорба
- Во поголем лонец ставете да се вари главата и провриените и измиени џигери. Додадете го биберот во зрна, ловоров лист и лист од целер и малку сол. Залијте со водата и нека вари околу 1 час или кога ќе забележите дека месото од главата лесно се одвојува од коската. Извадете ја целата содржина од лонецот, одвојте го месото од главата ситно исецкајте го, а исто така и џигерот.
- На помали коцки исечете го морковот, корен од целерот и пашканатот - оставете на страна.
- Во друг сад, сега помало тенџере, ставете го маслото на тивок оган да се запржи кромидот кој ќе го пробркувате до добивање на златно жолта боја. Потоа додадете го исецканиот лук, морков, целер и пашканат, мелениот бибер, буковецот и црвениот пипер - сувиот зачин, динстајте на тивко од 5-10 мин. Додадете го месото и исецканите џигери, нека се сето заедно прокрчка кратко - 2-3 мин. , потоа додадете 1,5 л. вода во која се вареше главата и џигерот или налејте едноставно со чиста вода. Нека проврие, намалете на потивко и нека се заедно крчка. Кога е готово растворете го во вода брашното, додадете во чорбата - нека проврие. Тргнете од огнот.
- Направете го легирот или од павлаката изматена со жолчките, додадете во неа сок од лимон или оцет, со црпалка ставете од чорбата и бркајте - потоа истурете во тенџерето.
- Посипете обило со сецкан магдонос.
НАПОМЕНА
- Јас го варам месото со наведените зачинки, но никогаш не ставив од водата во која се вари главата и џигерот (не знам зошто, ама ја избегнувам таа вода) налевам обична вода.
- Легирот секогаш го правам со кисела павлака и жолчка.
- Доколку не ве бендисува да ја правите со кромид - избегнете го него, можете да додадете ориз во чорбата, а понекој пат ставам и компир.
Лиценца: Сите права се задржани