Чварки
Оваа година, овој одмор, го искористив и за подготовка на омилените чварки, пршки или во некој краеви на Македонија ги нарекуваат џимиринки. Најубави ми се кога ги подготвувам на шпорет на дрва, кога можат без брзање, на тивко да си крчкаат и да бидат преубави. Оваа година набавив 5 кила убава сланина, пола месо, пола салце.
Подготовка:
1. Ја исецкав сланината на парченца и ја префрлив во сад. Ја правев на две тури. Во садот ставив 1 чаша вода и оставив да си крчка.
2. Кога водата испари и почна да се запржува сланината, промешувам почесто. Во чиста, миена и добро сушена тегла ја собирам процедената сланина. Од оваа количина добив 2 тегли сало.
3. Неколку пати ја повторувам постапката. Не ги прегорувам многу, за да може салото да испадне бело.
Пред крајот, на препорака од пријателка, на едната тура и додадов 1/2 филџанче млеко. Оставив уште малку да се покрчка промешувајќи. Млекото ќе испари.
4. Префрлете ги цедените и готово пржените чварки во поголем сад каде ќе ги посолите. Промешајте убаво секаде да се посолат убаво. Оставете да изладат, па соберете во кутија каде ќе ги чувате.
Нека се на здравје, среќни празници.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови