Има разни видови на салати со урда, меѓутоа во повеќето се става и шунка, мојата варијанта на салата со урда е без сувомеснати производи. Најпрво свежата краставица се лупи и се сече на ситни коцкички. Се посолува со малку сол и се остава да отстои така во цедалка за да го пушти вишокот на вода, отприлика 1 час. Потоа во сад ја истураме урдата и додаваме павлака постепено. Можеби ќе Ви биде потребно помалку или повеќе кисела павлака од наведената количина зависно од тоа дали урдата е сува или покремаста. Се додава свежата краставица исечкана на коцки и исцедена од водата, насечаните ореви, потпечениот сусам и сончоглед. И на крај се додава и лукот насечкан на многу ситно. Сол се додава по потреба и по вкус. Брза салата се сервира во чинија и се декорира по желба. Сусамот и сончогледот ги потпеков во сува тава на оган со постојано мешање да бидат убаво печени, за посладок вкус на салатата. Оваа количина на салата е за поголема слава. Доколку сакате помала количина намалете ги количините на состојките.