Пудинг од дуњи, јаболка, ѓумбир и цимет (посно)
Побрзо и полесно не може да биде :) Иако дома не постиме, пролетува и кај нас по некој посен рецепт.
Компотот од дуњи и ѓумбир објавен пред скоро време, го надополнив со 2-3 јаболка, една голема лажица коријандер и стапче цимет. Остануваат варените овошја кои не можеме да ги дојадеме, има најдовме начин како да постојат подолго време, а и на пилиштарциве им се попрвилечни за јадење така : )
Сите варени овошја од компотот испасирајте ги во блендер додека не добиете убава мазна смеса. Може малку подолго да треба да пасирате заради циметот.
Измерете ја смесата во мерица за течности за да знаете од прилика со која количина треба да работите.
Јас работев со колична од околу 350-400мл испасирана смеса.
Растворете го густинот во компот или вода. Количината на течност за растворање на густинот нека зависи од испасираната смеса.
Заокружете ја вкупната течност на 250 или 500мл ако ви е полесно за работа или пресметајте дека за 200-250 мл течност една голема полна лажица густин е доволна.
Ставете ја испасираната смеса на оган да зоврие. Кога ќе зоврие додадете го растворениот густин и постојано мешајте додека не се згусне.
Доколку сакате смесата да е посветла не го пасирајте стапчето цимет.
Сипете ја смесата во садови за послужување или силиконски калапчиња.
Нам засладувач воопшто не ни беше потребен, но доколку сакате додадете по ваш вкус.
Совршена комбинација е со сецкани ореви.
Овој пудинг може да го правите со кое било овошје од компот или пак свежо овошје.
Лиценца: Сите права се задржани