Лосос котлети од рерна
Подготвувањето риба е секогаш предизвик. Ова беше мојот прв обид за подготовка на лосос. Свеж лосос можете да најдете на пазарите со риби и кај нас иако е прилично скап. Но, свежо замрзнат лосос е достапен во сите маркети. Се разбира, свежата варијанта е секогаш подобра ако е достапна. Инаку лососот е риба богата со протеини и омега-3 масни киселини. Многу е здрава и препорачано е да се јаде барем 2 пати месечно.
Јас овде искористив 1200 гр замрзнат лосос. Ја оставив да се одмрзне во фрижидер.
Подготовка
Зачинете ги котлетите со сол и бибер, убаво втријте ги зачините. Ставете ги во длабок сад.
Потоа исцедете го едниот лимон и со сокот полејте ги котлетите, покријте ги и оставете ги да отстојат најмалку 30 минути.
Направете паста од толчениот лук, соја сосот и шеќерот. Премачкајте ги котлетите од двете страни со добиената смеса и наредете ги во подмачкана тава. Користев Делимано копер лукс тава - нормално.
Додадете малку топла вода во тавата (околу 100 мл) за да го задржите лососот сочен за време на печењето.
Печете во умерено загреана рерна на 180-200 степени додека не се испечат котлетите. Печете околу 20 минути, а потоа превртете ги од другата страна.
5 минути пред да ги извадите од рерната, ставете парче лимон на секој котлет и почекајте неколку минути за да се испече.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови