Овој рецепт го подготвувам веќе долго време, но немаше име и кој и да ме прашаше кажував плескавици со јајца. Некако не ми се допаѓаше и кога веќе дојде ред да го ставам на странава решив да го наречам лавово око бидејќи некако и ми наликува на лавобо око. Се надевам дека ќе ви се допадне и дека ќе стане дел од вашиот ручек бидејќи навистина е прекрасен рецепт, а воедно и декоративен па еве како се подготвува.
1. Најпрво лебот потопете го во еден сад со вода и кромидот исецкајте го на ситни коцки.
2. Меленото месо ставете го во еден сад и додајте ги-фантот, солта, мешаниот зачин, прашокот за пециво, содата, црвениот пипер, ситно исецканиот кромид и лебот кој претходно со раце сте го исцедиле од водата. Соединете ги состојките и оставете да одстојат 1 час за да ги примаат зачините.
3. Во меѓу време ставете ги јајцата во тенџере со вода на оган да вријат 7-10 мин (зависи од јајцата). Откако ќе довријат тргнете ги од оган и оставете ги да се изладат па излупете ги.
4. Од смесата со мелено месо формирајте 4-5 плескавици односно делете го на 4-5 дела (зависи од вас на колку сакате). Секој дел исплескајте го да добиете рамна површина како на слика 8, па ставете по едно јајце на секоја. Со раце вратете ги краевите над јајцето и формирајте топка. 
5. Плескавиците ставете ги на плех за печење претходно намрсен со зејтин, ставете ги во претходно загреана рерна на 200С додека да добиат кафеава боја. Испечените топки сервирајте ги додека се врели. Добар Апетит...

Совет-Кога ја подготвувате смесата од мелено месо по желба може да додадете и некој друг зачин како чили, магдонос, лук во прав....тоа зависи од самите вас дали ги обожавате. Откако ќе се испечат по желба на површината може да и ставите лента кашкавал, но додека се врели за да се растопи кашкавалот бидејќи мене во моментот не ми се најде и не и ставив. За декорација искористив пире од компир, морков, шери домати и магдонос.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани