Оваа торта заедно ја правевме со мајка ми негде околу Нова Година. Тортата е лесна, кремаста, сочна, или во превод лапни-голтни. Јафа кексите даваат прекрасен додатен вкус, јас ги обожавам во десерти заедно со крем бананите. Подготовката не е многу сложена зашто во принцип се прави 1 фил кој потоа се дели на 3 дела.

Подготовка:

1. Прво се прави пандишпанот и се пече на 180 степени околу 15 минути или додека чечкалицата не излезе сува.

2. Филот се прави со стандардно варење на пудинзите и брашното растворени во ладно млеко, се додава и шеќерот и се остава да се сварат со постојано мешање до згуснување, Се покрива со стреч фолија и се става на ладно целосно да се излади, Маргаринот се мати настрана и се додава кон изладениот фил и се миксира. Потоа овој фил се дели на 3 дела.

3. Прв дел - се додаваат 80 г мелени бисквити и се меша. Втор дел - се додава 80 г растопено чоколадо и се меша. Третиот дел останува каков што е.

4. Редење на тортата - Пандишпанот се прелева со сок од портокал. Се става првиот фил над кората.
Врз него се редат јафа бисквитите претходно потопени во млеко или во сок од портокал со чоколадниот дел свртен надолу. Над јафа бисквитите се реди чоколадниот фил. Одозгора се редат пишкотите потопени во сок од портокал или млеко. На крајот се додава филот од ванила. Одозгора се ставаат 2 изматени шлага или може да ставите чоколадна глазура.

Тортата се остава 1 ден во фрижидер за сите состојки убаво да се впијат.
На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови