Едноставна кремаста ролат торта со лешници и чоколадо
Кога ќе ти се најават гости, а ти немаш време да правиш сложени торти, овој рецепт е вистински спасител во такви ситуации. Тортата може да си ја наредите и како класична правоаголна торта со 3 кори (ќе го исечете пандишпанот на 3 ленти) или може и како мене, да си ја замотате во ролат за уште побрзо. Во рецептот нема прашок за пециво ниту маргарин, не е грешка.
1. За пандишпан - Изматете ги белките заедно со шеќерот додека не добиете цврст снег. Жолчките изматете ги одделно и додадете ги кон белките и измешајте нежно со помош на шпатула. Полека додадете го просеаното брашно и мелените лешници и нежно измешајте задржувајќи ја воздушестата структура.
2. Смесата истурете ја во плех обложен со хартија за печење. Печете на 180 степени околу 7 минути.
Откако ќе се олади пандишпанот, ставете го со горната страна на влажна крпа. Така полесно ќе се завитка во ролат и нема да ви пука.
3. За фил - Ставете го млекото да се загрева во нелепливо тенџере. Брашното и шеќерот измешајте ги настрана и додавајте ги полека кон млакото млеко. Вклучете го миксерот и миксирајте, додека млекото се загрева. Кога ќе почне да се згуснува, додадете го растопеното чоколадо и продолжете да миксирате. Внимавајте да не ви загори, затоа е најважно да имате добро тенџере. Кога филот ќе се згусни, одвојте дел за премачкување на ролатот и во него ставете 1 лажица екстракт од рум и измешајте. Во преостанатиот фил, додадете 5 лажици мелени потпечени лешници и измешајте. Оставете ги двата фила да се ладат покриени со најлонска фолија, за да не се формира кора.
4. Откако ќе се оладат, извадете ја хартијата од пандишпанот и нанесете го филот со лешниците. Замотајте го пандишпанот со помош на влажната крпа. Одозгора нанесете го преостанатиот фил со румот и декорирајте со кршени потпечени лешници. Ставете ја тортата убаво да стегне во фрижидер.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови