Домати сушени на сонце
Искористете го годинешново сонце и исушете домати на природен начин. Ако имате услови, некое местенце на село, некоја викендичка или пак сончев двор, тогаш не чекајте. Се сушат домати кои не се водлести, на пр. со розевите немам добро искуство. Мислам дека се најдобри оние кои ги користиме за домата, индустриските, но секако користете какви имате. Јас редовно сушам и од малите доматчиња, тие се идеални, времето за сушење е многу пократко.
Ви треба пластична мрежа, прицврстена на штички или пак дрвени даски, оние кои ги користиме в кујна. На нив ќе треба најпрво да ставите хартија за печење, па потоа доматите.
Доматите исечете ги, не многу дебело, можеби 1 цм отприлика. Наредете ги на мрежата, посолете ги добро (чим се добро посолени, на нив не застанува ни мува ни оса) и ставете ги на сончево место, некаде каде цел ден има сонце.
Другиот ден превртете ги и оставете ги пак на сонце. На оваа врелина за два дена се готови. Соберете ги или во кеси па во фрижидер или пак директно во тегли.
Кога ќе ја приготвувате салатата, полијте ги со маслиново масло, ставете исечкано лукче, мајчина душичка, бибер, оригано... сиренце, што ви душа сака. Оставете ги саат, два да се спојат вкусовите и готово, ќе ја имате најубавата салата на светот.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови
mene me interesira dali fakaat nesto kako muvlicka onaka prirodna od postara osoba taka znam,deka si fakat taka od gore i samoto posle iszeznuva prirodno