Секоја година за Велигден купуваме цело јагне, но никогаш до сега не сум имала храброст да го направам овој специјалитет, од причина што не сум видела како тоа се прави професионално и како конечно треба да изгледа. За кукурек само сум слушала и си создавав своја визија како да го направам, бидејќи сопругот многу одамна некаде пробал и постојано бараше да зготвам . Наместо тоа, од цревцата, чкембето, внатрешниците и главчето секогаш правев чорби. Годинава се охрабрив.

Цревцата и чкембето многу многу убаво се мијат.  
Се чуваат 3-4 часа во ладна вода во која сме додале една чаша вински оцет.
Внатрешниците (црн и бел дроб, ширденче, срце, бубрези и т.н.) се мијат и се сечат на парчиња со димензија колку еден палец од рака. Се посолуваат.
Чкембето се сече со нож или ножица на квадрати со големина колку да може до пола да го преклопи парчето црн дроб на пример.

Се зема парче чкембе, врз него се става парче дробче, се зема цревцето и се замотува да се подврзе заедно. Кога ќе снемаме чкембе останатите сечкани парчиња ги замотуваме едно по едно во цревцата, и така се додека имаме материјал.
Во тенџере зовриваме вода и со лажица решетка внимателно едно по едно од парчињата кукурек ги ставаме по две – три минути да се подварат, за да излезе пената од чкембето и цревцата. Истовремено од врелата вода цревцата се стегнуваат околу дробчето.
Вака подготвените парчиња ги оставаме на страна.

Кромидот ситно го сечкаме и го пржеме на масло. Додаваме рендан морков. Кога убаво ќе се испржат, ставаме една лажица црвен пипер и ренданиот црвен домат. Мешаме и по полека додаваме врела вода. Зачинуваме со сол, зачин, мелен бибер, бибер во зрно и 3-4 ловорови листови. Го додаваме и оризот и на тивко го оставаме 4-5 минути додека оризот се завари.

Добиената смеса ја истураме во земјена тава, низ неа ги редиме подварените парчиња кукурек, долеваме жешка вода скоро да ги покрие, наросуваме сушен рузмарин и суво нане, ја покриваме тавата со фолија и ја ставаме во рерна на 180 степени околу 2 часа. Важно е чкембето убаво да се свари, односно лесно да се кине, а не да се тегни. Кога ќе се увериме дека е варено, ја отстрануваме фолијата, ја засилуваме рерната на 200 – 220 и оставаме да се потпечи барем уште половина час.
Испадна многу вкусно, вака на мој начин. Жалам само што не стигнав да направам фотографија од целата тава, додека се свртив и стигнав да седнам, сопругот веќе турил и задоволно дегустираше среќен што му ја исполнив желбата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови