Основните правила за готвење јавнија ги научив од мојата свекрва која готвеше извонредно. Најголем комплимент е за мене кога ќе ми речат дека готвам како неа.

Месото го сечкаме на парчиња и го миеме. Го ставаме во тенџере да му испари водата и да се запржи, односно да си пушти сопствена мрснотија. Додаваме масло и го пржиме додека зарумени. Уште повкусно е ако наместо масло додадеме свинска маст.
Го додаваме кромидот иссечкан ситно. Мешаме и пржиме додека не омекни. Потоа ги додаваме морковите предходно изрендани и бамјата и пиперката иссечкани.
Се пржи сето заедно убаво додека се спојат убаво сите состојки, а мрснотијата да почне да излегува од горе. Додаваме една рамна лажица брашно и промешуваме. Веднаш потоа додаваме една полна лажица црвен пипер.
На овој начин ќе ја избегнеме потребата од правење дополнителна запршка, а јавнијата ќе си има густина.
Го истураме доматното пире. Јас турив конзервирани мелени домати од мојата зимница. Налеваме малку по малку врела вода, зачинуваме со сите зачини, го намалуваме шпоретот на најтивко и поклопуваме со капак. Оставаме да се крчка на тивко најмалку еден час, односно додека месото не почне лесно да се кини. Од време на време промешуваме и по потреба додаваме вода која мора да биде врела. Во спротивно ќе ни „се пресече“ вкусот.

Кога месото е убаво сварено ги додаваме иссечканите компири и оставаме да врие додека се зготват.

Ова е превкусно јадење кое може да се готви од вечер за наредниот ден, бидејќи и престоена е еднакво вкусна.

Добар апетит

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови