Никогаш не сум верувала на ваквиот тип на рецепти. Торта од само 3 состојки, десерт од само 2 состојки готов за 5 минути, ѓеврек од 2 состојки, без месење!
Да, звучи неверојатно. Затоа сакав да испробам. Оригиналниот рецепт на овие ѓевречиња е со грчки јогурт, јас немав и ги направив со обичен јогурт, да имав кисело млеко, ќе го употребев него. Ако користите грчки јогурт, тогаш соодносот е 1:1, чаша брашно-чаша грчки јогурт. Во овој рецепт употребив 1 шола брашно и малку повеќе од половина шола јогурт. Исто така оригиналниот рецепт употребува саморастечко кое можи да си го направите самите. Саморастечкото брашно се прави со додавање на прашок за пециво и сол - е толку е едноставно.
Од оваа доза направив 6 ѓевречиња.

Подготовка

Прво измешајте ги брашното со прашокот за пециво и солта. Ако користите саморастечко брашно тогаш веднаш измешајте го со јогуртот. Употребете миксер со маталките за тесто и убаво изматете го тестото додека не почне да се одделува од ѕидовите на садот во кој матите.
Со намастени раце земајте од тестото и формирајте ѓевречиња. Редете ги на плех обложен со хартија за печење и наросете семиња одозгора. Тестото ќе ви биде помеко и полепливо од вообичаено, но така треба да биди.
Оставете ги ѓевречињата 20тина минути, па ставете ги да се печат на 180 степени околу половина час.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови