Ѓеврекот со маслинка е еден од омилените на битолчани. Често си го купувам кај нас од одредени пекари кои стварно го прават фантастичен. Во еден вечерен обид да си направам дома, ми се погодија превкусни, рецепт не користев, од око ги правев, ама испаднаа топ. Барем не морав на полноќ да трчам да барам да си купам ѓеврек со маслинка, оти ко ќе ме фати форесот, бетер од трудна жена сум.

*** големина на чаша е 250 мл

Подготовка

Се раствора шеќерот и квасецот во топла вода, се меша и трга настрана 3 минути.
Во сад, ставете 1 чаша брашно, сол и масло. Добро измешајте. Додадете ја мешавината од квасец и почнете да го месете. Можете да користите миксер со маталките за тесто на почетокот и да помесите со рака на крајот. Додадете ја другата 1 чаша брашно постепено по потреба.
Се меша и меси околу 10 минути, додека не добиете нелепливо тесто. Покријте и оставете го на топло место да се зголеми двојно околу 1 час.
Од оваа доза, се добиваат 6 ѓевреци со средна големина. Значи, поделете го тестото на 6 еднакви парчиња.
Набрашнете ја работната површина, со рацете исукајте го секое парче во долгнавеста форма на јаже, потоа раширете го малце, распоредете ги исчистените парчиња маслинки долж средината на раширеното тесто и пак затворете го. Потоа вртете го тестото спирално и спојте ги краевите на тестото за да формирате круг, цврсто притиснете ги краевите за да се залепи убаво.
Кога ќе се формираат сите ѓевреци, се вари вода со мед и се натопува секој ѓеврек во водата која врие околу 20 секунди, а потоа веднаш се прпелкаат во сусам и се редат на плех обложен со хартија за печење.
Се печат веднаш на 200Ц / 400Ф на средната решетка околу 20 минути или малку повеќе. Ако сакате помеки ѓевреци, нека покиснат 30тина мин пред печење.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови