Прекрасни вкусни домашни потурени колачиња, едноставни за подготовка. Имав баба која стално правеше вакви колачиња ко бев мала, само нејзините беа поголеми и често премногу попарени па дури и се распаѓаа. Овие се совршени, и во вкус, и во текстура, и во компактност, и во количина на шербет. Остануваат цели и после потурувањето.
Бидејќи не содржат ништо расипливо, може да стојат долго време. Мене ми излегоа 20 колачиња од оваа доза. За да ви биде полесно, можете веднаш двете теста да ги поделите на 20 дела или ако сакате поголеми колачи, поделете ги тестата на по 15тина дела.

Подготовка
Растворете го квасецот во пивото и маслото во подлабок сад, додадете го гризот и брашното лажица по лажица.

Замесете средно тврдо тесто да не се лепи за раце.
Тестото го делиме на два дела, во едниот се додава какаото и сосема малку некоја капка пиво и се меси додека не се изедначи бојата.

Од тестото кинете мали парчиња и сукајте ги во долгнавести форми, па потоа виткајте ги како полжавчиња. Јас направив 2 варијанти, кафени полжавчиња завиткани во бело и бели полжавчиња завиткани во кафеаво тесто.

На секое колаче ставете во средина по 1 лешник.
Готовите колачиња редете ги во намастен плех ги на 180 С,околу 15 до 20 минути. Ако ви е појака рерната, намалете на 150 степени.

После печење оставете ги да се оладат, а во меѓувреме припремете го шербетот.

Шербет- се вари шеќерот со водата 15тина минути.
Оладените колачи прелијте ги со врелиот шербет. Покријте ги со фолија, а по половина час или час, превртете ги од другата страна да впијат убаво.

Јас си каснав дури 3 уште пред да ги свртам, имаа убаво впиено.

Инаку јас сум многу мерак на се што е потурено, обожавам десерти со шербет така што ќе следат уште шербет благи.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови