Среќен Божиќ и среќни празници !
Нека Новата 2019 година ви започне и ви трае во многу љубов и разбирање !

Мојот придонес кон изборот за подготовка на Божиќна торта ќе биде овој рецепт.
Сите ние за свечени и празнични денови се почестуваме со торти и други слаткотии. Затоа и јас за оваа јубилејна бројка на објавени рецепти сепак се одлучив тоа да биде торта иако размислував, одбрав па и подготвив интересен солен рецепт.
Тортава е особено кремаста, со изобилие на вкусови, прецизна и многу вкусна.
Во насловот на тортата, кој можеше да биде и поедноставен, е содржан целиот нејзин вкус и состав, кој треба да ви е предизвик да ја пробате, доколку ги сакате овие состојки од кои е подготвена.

Подготовка на подлога
1. Путерот го топиме, ги мелеме бисквитите и заедно со какаото и солта ја соединуваме смесата.
2. Ја истураме во калап со обрач бр. 22-24 обложен со хартија за печење.
3. Натапкуваме секаде да ни е еднакво распоредена смесата.

Подготовка на карамел
1. Го ставаме шеќерот на средна температура да ни се растопи и згусне.
2. Тргнете го настрана и додадете ја топлата слатка павлака.
3. Мешајте до соединување и повторно вратете ја да поврие кратко.
4. Повторно тргнете на страна, додадете го путерот и мешајте до соединување. На крај само додадете прстофат сол.
5. Во оваа карамел смеса додадете ги кикириките. Откако смесата ќе подизлади ставете ја врз подлогата.

Подготовка на мус кремата
1. Растопете го чоколадото на слаба температура или во микровална печка.
2. Ставете го желатинот да се растопи во неколку лажици вода, па ставете го на средна температура или кратко во микровална да се растопи до течна состојба.
3. Слатката павлака изматете ја, но не во многу цврста состојба.
4. Додадете ги чоколадото, киселата павлака и желатинот кон слатката павлака и матете со миксер до соединување.
5. Кремата истурете ја врз карамелот со кикирики.
6. Оставете ја тортата во фрижидер за да се оформи и стегне мусот.
7. Потоа извадете го обрачот и украсете ја.

За украсување.
1. Во путерот од кикирики ставете малку мелени кикирики за да може да смесата да е погуста и формирајте мали бомбици кои ќе ги извалкате во сечкани кикирики.

Забелешка
Кикириките за во карамел што се однесува до мене ми се повкусни ако се потпечени, ама од љубителите на оваа торта имам и сугестија дека е подобар со непечени кикирики. Секој со својот вкус, затоа ви ги пишувам можностите. Инаку кикириките не ги сечкав ги ставив цели.
Откако го извадив обрачот од модлата, ја отстранив и хартијата на која ја ставивме подлогата и целата торта ја префрлив во чинија за сервирање.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани