Начин на подготовка

Прво го спремаме тестото.
Потребни ни се 2 сада.
Во едниот сад ги соединуваме сите суви состојки, а во другиот сад ги соединуваме течните состојки.
Постепено во садот со суви состојки ги додаваме течните состојки и матиме со миксер 2 минути.
Смесата ја истураме во округла тава бр 26, во која претходно сме ставиле хартија за печење.
Печиме околу 12-14 минути на 190 степени.
Испеченото тесто го оставаме да се подизлади.
За тоа време го спремаме филот со вишни.
Во касерола налеваме течност од компотот,(околу 300 мл) додаваме шеќер и густин.
Вариме на тивко додека не се згусни смесата.
Ги додаваме исчистените вишни.
До колку немате компот од вишни, може да се користат замрзнати вишни, а за течност да се користи сок од шумско овошје.
Сега земаме калап со обрач бр 26.
Го ставаме тестото, а врз него кремот со вишни.
Израмнуваме.
Во касерола на оган ставаме чоколадо и слатка павлака.
Ги соединуваме на тивок оган без да провријаат.
Го оставаме на страна да се излади. Оделуваме 70 мл настрана.
Потоа со миксер ја матиме смесата.
Ја нанесуваме врз филот со вишни.
Сега во останатите 70 мл ганаш крем ставаме 1 лажиче желатин, кој претходно стоел со 2 лажици вода да набабари.
Убаво ги соединуваме над пареа и ја прелеваме тортата.
Наросуваме чоколадни мрвици.
Оставаме 2 часа во фрижидер да се стегни.
Сега внимателно го вадиме обрачот.
Ја завршуваме декорацијата со изматена шлаг пена и чоколадни топчиња.
Користен е среден филџан за кафе, во кој собира 70 гр.

Првата недела по Велигден се вика Томина недела и е посветена на светиот апостол Тома.
Кога Исус им се јавил на апостолите, Тома не бил со нив, а кога тие му кажале дека го виделе, учителот Тома не верувал и им одговорил „Дури не ги видам клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“.
Поради тоа апостолот Тома е наречен Неверен Тома.
По осум дена кога и Тома бил со другите апостоли Исус пак им се јавил, при што посебно му се обратил на Тома „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои, дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои и не биди неверлив, но верлив!“
Одговори Тома и му рече „Господ мој и Бог мој!“
Исус му рече „Тома, ти поверува, оти ме виде, блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“.
Мојот помал син го носи неговото име, па еве со оваа прекрасна торта му го честитам неговиот именден и на сите оние кои денес го слават овој празник.
За многу години да е. 

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани