Многу лесно и едноставно се приготвува овој десерт, кој освен со вкусните готови кори на Винчини, процесот оди многу лесно и со подготовката на филот, а се добиваат прекрасни чоколадни коцки, како измислени за оние кои обожаваат чоколадо.

Надобро е филот да се спреми одвечер или пак барем неколку часа да има време да отстои во фрижидер. И ова е тоа најдолго и најнеизвесно во овој рецепт, но со добра организација воопшто нема да е хендикеп.

За да се приготви основата на филот треба да се стави павлаката во тенџере на рингла со помалку од средна јачина и кога ќе се загрее се додава чоколадото искршено на коцки. Се меша до убаво соединување, но се внимава да не проврие. Штом се соедини, се трга и се остава да лади. Кога е изладено се става во фрижидер во времетраење како во воведот.

Смесата се дели на 3 дела во засебни три садови. Во едниот додаваме дробени Винчини наполитанки (кај мене овој пат од млеко и какао, но секако избор има голем), а во другиот крокант од кикиритки.
Крокантот ретко, периодично и на одредени продажни места се наоѓа, но секако можи било каква замена за другиот фил.
Третиот останува така.

Филовите можи да ги изматите со миксер пред да им ги додадете додатните состојки.
Јас ги изматоив двата во кои додавав, а третиот го оставив како што е (а таков е малку поцврст и со малку потемна боја, но секако ако сакате можи да го изматите и него).

Се мислев дали е изводлива дропка и која би била ако воопшто е можно од нешто помеѓу 1/3 и ½. Не смислив, па еве вака:
Корите како што се во најлонската фолија спаковани со еден нож ги пресеков за да добијам дел помал од половина, а поголем од третина. Остатокот го залепив со вишокот најлон кој остана од употребениот дел за некое друго вкусно десертче кое ќе има солидна големина за една правиаголна помала торта.

Две кори премачкуваме со филовите во кои додадовме состојки, ги ставаме една над друга и врз нив последната кора и целата торта ја премачкуваме со самочоколадниот фил.
Оставаме во фрижидер да се здрви за да можи да исечиме убави коцки/мињони. Јас еднаш пресеков на половина по должина и уште три реза за да добијам коцки во ширина. Добив 8 солидни коцки.

Секоја коцка се прелива со стопено чоколадо и се украсува по вкус.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови