Роденденска, по желба на славеничката чоколадна, торта во комбинација со вишни. Друго имав смислено, ама не секогаш излегува како што сме намислиле, па на крај излезе тортава. Едноставна, лесна за подготовка.

1. Путерот треба да ви е на собна температура, мек. Ставете го во сад за матење, додадете го шеќерот, матете додека шеќерот не се растопи, смесата стане светложолта и воздушеста.
Во сад на страна додадете ги сувите состојки. Просејте ги брашното и какаото, да нема грутки. Додадете го пецивото, солта и ванилата.
Во садот за матење додадете ги една по една жолчките и матете додека смесата не се спои. Исклучете го миксерот, продолжуваме со шпатула.
Додадете ги сувите состојки и румот и внимателно мешајте со шпатулата додека смесата не се изедначи. Млеко додавајте постепено и по потреба. Јас додадов 6 лажици.

2. Сад (пожелно калап со прстен) со дијаметар 20см, убаво премачкате го со путер и распоредете ја смесата рамномерно. Ќе видите и од сликите, прилично е густа, така треба да биде.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220С, а кога ќе ставите намалете на 180С. Печете 30-35мин, проверете со чепкалка.
Оставете да се излади комплетно.

3. Чоколадото ситно исечкајте го и ставете го во подлабок сад. Во сад на оган ставете 200мл. слатка павлака да се загрева, не треба да ви зоврие. Пред вриење тргнете од оган и полијте го чоколадото во садот. Оставете некоја минута па промешајте со лажица додека не добиете мазен ганаш. Додадете го румот. Оставете нека се лади, на собна температура.

4. Кога тестото е изладено, избоцкајте го со вилушка и полијте го со сокот од вишни. Јас користев купен компот од вишни, па го искористив тој сок. Може и со домашна вишновка, но разблажете малку со вода. Ако користите свежи или замрзнати вишни, имајте предвид дека течноста што ја пуштаат е покисела, па или разблажете со малку вода или додадете малку шеќер.
Вишните убаво и густо наредете ги во 1 ред врз кората.

5. Во сад за матење изматете ги преостанатите 100мл. слатка павлака во цврст шлаг. Ставете дел од изладениот ганаш во садот и мешајте внимателно со шпатула. Посетепено додавајте од ганашот. Јас и декорирав со ганаш, па тргнав 3-4 лажици на страна.
Желатинот растопете го со водата и оставете да набубри. Потоа затоплете го на пареа.
Во садот со кремот додавајте го желатинот и мешајте со шпатулата истовремено.
Ќе добиете мазен чоколаден крем.
Распоредете го во калапот врз вишните, израмнете убаво и тортата ставете ја во фрижидер да се стегне убаво. Декорирајте по желба.

Пријатен апетит =)

*Единствена маана е што поради вишните малку потешко се сече, односно парчињата не се баш мазни =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани