Стар рецепт за баклава, многу вкусна, многу погодна за посни славски трпези. Одлична е и на изглед и на вкус, а многу брзо и лесно се прави. Ѓумбирот во комбинација со јатките и чоколадото создава совршена арома. Пробајте ја!
1. Најпрво го приготвуваме шербетот.
2. Во длабоко тенџерче убаво ги мешаме сите состојки за шербет, со капакот го покриваме тенџерчето и оставаме преливот да зоврие.
3. Треба да врие 3-4 минути, потоа да се тргне на страна и да се остави сосема да се излади.
4. Потоа го приготвуваме филот.
5. Во длабока чинија или вангла ги мешаме сецканите (или ако сакате мелени) лешници и ореви, заедно со гризот, циметот и ѓумбирот, а потоа на истото место го рендаме и чоколадото.
6. Препорачливо е да се користи поквалитетно чоколадо, со над барем 50% какао маса.
7. Убаво ја мешаме смесата за фил.
8. Потоа ја филуваме баклавата.
9. Редиме прво по една кора (до половина на корите), а потоа по 2 кори ги редиме една над друга и сите ги свиткуваме на половина.
10. На крајот, откај свитканото ставаме по 2 лажици од филот.
11. Виткаме како ролат, почнувајќи од страната на филот.
12. Постапката ја повторуваме со сите кори, додека да ни се истроши материјалот.
13. Ролатите ги редиме во плех, ги сечеме на парчиња со сакана големина.
14. Преливаме со истопен маргарин и ја ставаме баклавата да се пече на 200 степени околу 20 минути. Печена е кога ќе пожолти одозгора.
15. Врелата баклава ја преливаме со ладен шербет и  ја оставаме на ладно да го впие шербетот.

*Портокал шеќерот доколку го немате заменете го со сок од 1 цеден портокал или лимон во состојките за шербет.
*Употребете јатки по желба. Може од еден вид, а може и мешани, важно е да се внимава на количината.
*Ако сте во можност, наместо цимет во прав ставете ги бисквитите со арома на цимет како што направив јас. И чајните кекси одлично би се вклопиле во целата приказна.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови