Чизкејк (во превод торта со сирење) е една од најубавите торти на светско ниво. Лесна и кремаста, релативно едноставна за подготовка е совршен десерт за секаква прилика и затоа стана популарна, особено меѓу младите домаќинки. Кај нас маскарпоне сирењето кое најповеќе се користи за правење на филот на чизкејк е релативно ново и бидејќи е увезено е прилично скапо, 500 грама од ова сирење ќе ве чини минимум 300 ден. Затоа се измислени и други замени за ова сирење, може да користите квалитетна изварка несолена, но изварката нема кремаста структура. Така открив друга замена за маскарпоне, а тоа е кисела павлака со висока масленост, минимум 20%. Павлаката претходно треба да се исцеди од течноста неколку часа. Вкусот е идентичен како да користите маскарпоне крем сирење, а трошокот е 4 пати помал. Бидејќи дома си сакаме повеќе чоколадни вкусови, се одлучив за чоколаден чизкејк кој дефинитивно е одлична замена за чоколадната класична торта, а е 100 пати поедноставна за правење.

Подготовка

Прво павлаката ставете ја во поголемо парче газа или тетра пелена, убаво завиткајте ја во 1 слој и по можност закачете ја некаде да се цеди неколку часа. Одвреме навреме притискајте ја нежно за побрзо да истечи течноста.

1. Сомелете ги бисквитите и измешајте ги со какаото и растопениот путер. Измешајте убаво и оваа смеса нанесете ја во чизкејк калапот претходно обложен со хартија за печење, а страните намачкани со растопен путер.

2. Изматете ја слатката павлака со миксер додека не се претвори во цврст крем, додадете ја исцедената павлака и матете полека, додадете го шеќерот во прав и на крај млакото растопено чоколадо (не треба да е жешко). Изматете убаво додека не се изедначи филот и истурете го филот врз биксвитот и убаво распоредете го.

3. Ставете го чизкејкот во фрижидер убаво да се излади и стврдни. Откако ќе се излади, потурете го со глазурата која се подготвува со загревање на хоплата и додавање на искршеното чоколадо, се меша додека не се направи еднолична течна чоколадна смеса која се истурва врз чизкејкот и се распоредува убаво.

4. Повторно вратете ја тортата во фрижидер и оставете ја да се стврдни убаво.

5. Декорирајте по желба. Јас декорирав со бело чоколадо.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови