Многу чоколада во секој залак.
За подготовка на пандишпанот, прво ги одвојуваме жолчките од белките, на тој начин што во еден сад ќе добиеме 8 белки и во два сада по 4 жолчки.
Едниот сад со 4 жолчки го тргаме на страна бидејќи ќе ги употребиме за филот.
Во белките ставаме прстофат сол и ги матиме во цврст шам.

Во 4 жолчки додаваме 6 лажици шеќер и матиме. Жолчките со шеќерот ги додаваме во изматените белки и бркаме со дрвена лажица.

Во еден сад мешаме 5 лажици брашно, 3 лажици чоколада во прав и 1 пециво. Ова го додаваме кон јајцата, додаваме и 1 лажица рум, се' заедно мешаме и го истураме во правоаголен плех обложен со пек-хартија.

Се пече на 180 степени. Откако е печена се замотува ролат во влажна крпа.

За подготовка на филот во едно тенџере ставаме околу 550 милилитри млеко и 5 лажици шеќер на оган. Во другиот сад со 4 жолчки додаваме 6 лажици густин и 50 милилитри млеко и мешаме со миксер. Кога ќе зоврие млекото се истура смесата со жолчки и густин. Кога ќе почне да згуснува се додаваат 2 чоколади искршени на помали парчиња и 3 лажици чоколада во прав. Сварениот фил го истураме во друг сад и мешаме одвреме-навреме да не се направи кора.
Посебно матиме 150 грама маргарин со миксер. Кога ќе се олади сосема филот, кон него се додава изработениот маргарин.

Го одмотуваме ролатот од крпата и врз него насекаде мачкаме со 5 лажици џем од сливи. Врз џемот ставаме 2/3 од филот, а со 1/3 од филот го премачкуваме ролатот одозгора. На крај го преливаме ролатот со чоколадна глазура која сме ја добиле со топење на пареа на 1 чоколада и 2 лажици зејтин.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови