Тортата се припрема многу брзо, а за летните денови е супер освежителен десерт.
Најпрво, измелете ги бисквитите, а путерот на слаб оган растопете го.
Потоа, во бисквитите, постепено додавајте го путерот и мешајте, за се да се спои. Треба да се добие смеса како влажен песок, па доколку сметате дека смесата е сува, додајте малку млеко. Јас додадов околу 5 лажици млеко.
Оваа смеса, распоредете ја на претходно намрснет плех со механизам (моето тавче е со големина 26) и оставете ја во замрзнувач за да се стегне.
За тоа време се приготвува белиот дел. Постапката е следна.
Најпрво, во ладна вода, закиснете го желатинот и оставете го да отстои, десетина минути. Со жица за матење, соединете го крем сирот и кондензираното млеко. Мешајте, се додека не се добие еднолична смеса. На страна, во друг сад, сматете ја со миксер, слатката павлака заедно со две лажици шеќер. Потоа, од сматената павлака, постепено додавајте во смесата од млеко и крем- сир.
Вишокот вода од желатинот, исфрлете ја, а гелот, ставете го на тавче и на слаб оган. Оставете желатинот да се растопи, но внимавајте да не ви проврие. Оставете го да се подизлади, па потоа, лажица по лажица, додавајте го во белата смеса. Измешајте се добро, а потоа белата смеса, истурете ја врз бисквитот и вратете ја тортата, комплетно да се стегне, околу 3 часа.
За преливот од капини, потребно е капините да ги проварите со шеќерот и водата. Нека вријат, се додека не се добие смеса како сируп. На страна, во чаша со ладна вода, закиснете ги листовите желатин. Сирупот од капини, тргнете го на страна и оставете го да се подизлади. Кога е топол, во него додајте ги листовите желатин и измешајте се убаво. Потоа, сирупот, истурете го врз тортата и оставете повторно да се стегне во замрзнувач.
Парчето во главната слика, е замрзнато, затоа што тогаш имав прилика да го сликам. Во дополнителната слика, имам сликано размрзнато парче.
Лесно, брзо и вкусно!
На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови