Христос Воскресе!
Среќни Велигденски празници на православните христијани, а сите да бидеме живи и здрави!
Секој празник сам по себе е убав...но, овој за мене посебен...се совпаднаа многу настани - роденденот на мојата прва радост, нашиот најголем празник и мојот трет јубилеј на овој сајт! Душата бавча Ч)
Лека полека стигнав до 300-от рецепт.
Ви благодарам на сите-прекрасниот тим на Мои Рецепти, кој знае како да инспирира и мотивира....
Вам драги членки-готвачки за секојдневната поддршка, за убавата дружба тука, а се надевам и дружба во живо...
Вам драги читатели, без кои не би биле ние, тоа што сме....Ч)
Па повелете заблажете се од мојата роденденска, Велигденска и јубилејна торта!

Оваа торта е мошне вкусна, позната како целуфка или уште торта со безе кори.
За корите ги матиме белките со прстофат сол.Штом убаво запенат, им се додава ванилата и шеќерот постепено.Се мати додека се добие цврст густ шам. Матиме некои 10 на минути, а ако се користи кристал шеќер тоа е подолго. Најдобар знак е со пробата под прсти да нема шеќер, да е целосно стопен. На крај го додаваме оцетот и кратко матиме.
Во претходно обложен намрсен плех со хартија за печење ја распоредуваме убаво белката. Плехот е со димензии 32 на 39 цм..
Ставаме да се пече во загреана рерна.
Печењето е 2 часа на 130 степени, без да ја отвораме рерната.
После тоа време, ја отвораме врата од рерната околу една педа и оставаме додека целосно не се излади кората.

Филот го подготвуваме на стандарден начин.
Ги матиме жолчките, им го додаваме пудингот и брашното, додаваме млеко и убаво ја изедначуваме смесата.Треба да биде течна.Остатокот од млекото го зовриваме со шеќерот и ванилата. Потоа ја додаваме смесата од жолчки и пудинг и со постојано мешање на умерен оган вариме густ крем.
Тргаме од оган, го додаваме чоколадото искршено на парчиња и миксираме со миксерот.
Оставаме да се излади кремот со повремени промешувања.
Во млако го додаваме маргаринот и лажица по лажица додаваме од кремот во пенасто изматениот маргарин.

Финална постапка
Кората е многу кршлива, за тоа работиме внимателно. Со остар нож ја сечиме на три ленти. Тоа што ќе испука, ќе си го залепиме со фил..))))
При сечењето на кората се слуша некое шуштење, затоа уште се нарекуваат тортите со вакви кори-шушкавац.
Секоја лента се премачкува со дел од филот.
(Филот си го делиме на два дела.Од двата дела оставаме по малку за од надвор.)
Од надвор се премачкува со изматена шлаг пена према упатството на кесичката.

*Како забелешка ќе кажам дека кората ми дојде видно дебела, значи може да намалите на 10 белки.Тортата ја составив од две ленти и плус од едната лента, преполовувајќи ја на две, добив уште пола торта. Значи торта и пол. Ќе видите на дополнителните фотографии.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани