Припрема
- Во садот во кој ќе месите измешајте ги шеќерот и солта, ако користите сув квасец ставете го и него, а доколку користите жив квасец растворете го во вода и додадете го кај брашното. Доколку користите инстант пире - измешајте со брашното, а доколку сварите компир - испасирајте го добро или стиснете преку преса за да нема грутчиња - додадете кај брашното. Со млака вода замесете тесто притоа додавајки ги стопениот маргарин и маслото. Треба да измесите меко нелепливо за рацете - тесто. Зависно од брашното - по некој пат сака да се додаде и малку повеќе вода. Самото тесто ќе ви каже дали е доволно или треба да додадете. Оставете да стаса удвојувајки го обемот.
- Извадете го стасаното тесто и со рака во плек формирајте ја кората која треба да биде тенка. Ова тесто е доволно да се направи во големата плитка Ростер тавка. (димензиите баш и не и ги знам) Со двете раце со прстите одозгора поминете го целото тесто правејки вдлабнатини, наредете ги маслинките - небитно дали се зелени, зелени полнети или црни... натаму доколку сакате вие додавајте по ваш избор - рузмарин, оригано, сусам... . Покријте и нека повторно стасува, а за тоа време вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени.
- Пред да се стави да се пече залијте ја со растворот кој сте го направиле од водата, солта и маслиновото масло.
- Временски се пече зависно од рерната.. кај мене за 20 мин. Печена извадете, покријте ја, нека малку олади и тоа е се`, останува да седнете со чаша јогурт - одличен доручек, што не значи дека нема да биде и грицка за со пивце.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани