За овој рецепт, употребив кондензирано млеко пригортвено по рецептот на Фроги, само го оставив да згусне повеќе, да дојде нешто помалку од 400 мл.
За подготовка на првиот дел ја матиме слатката павлака, додаваме кондензирано млеко и матиме со миксер уште кратко колку да се соединат. Додаваме кршени бисквити, промешуваме, ја истураме смесата во калапот во кој ќе го замрзнуваме сладоледот и ставаме во замрзнувач.
Јас искористив пластична кутија од сладолед од 2 литри, со тоа што тортата ми дојде помала, а висока. Вие искористете каков калап сакате, битно е да знаете дека волуменот е 2 литри вкупно.
Оставаме првиот дел малку да се стегне и почнуваме со подготовка на вториот.
Најпрво го растопуваме чоколадото и оставаме малку да се излади. За тоа време ја матиме слатката павлака со млекото, па полека сипуваме од растопеното чоколадо цело време матејки со миксер. Ја ставаме врз првиот дел и повторно враќаме во замрзнувач.
Третиот дел го приготвуваме на истиот начин и од како сме ги изматиле слатката павлака и млекото, додаваме ванила и мелени ореви, ја сипуваме смесата врз другите две и враќаме во замрзнувач.
Одозгора може да декорирате со рендано чоколадо.
Мене жешкото време не ме остави многу да декорирам, брзав да сликнам, додека не се растопила цела торта. Битно беше вкусна и млечна =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови