Кога се зачленив на оваа страна, тоа беше првично за да побарам совет, да прашам, да научам нешто од големите готвачи кои ги следев. Не ни помислував дека и јас некогаш ќе стигнам да споделам некоја јубилејна бројка. Но еве, полека, полека, речиси 4 години одкако се зачленив, стигнав до 100, иако не толку совршени рецепти како Вашите, драги мои пријателки, членки готвачи на страната, но сепак се радувам на бројката. Вие бевте мојата мотивација и поттик за да поминувам повеќе време во кујната, да испробувам и да видам дека и дури рецептите со многу состојки се лесни ако имаш кој да ти покаже, и да те подучи. А токму тоа го најдов тука и за тоа сум бескрајно благодарна на тимот на МоиРецепти, што ни обезбедија вакво прекрасно катче и што секојднево се грижат за ова наше место за дружба.
Иако порано кокосот не го сакав во десертите, во последно време увидувам дека можеби претходно не сум го пробала во вистинската комбинација, =))) па за мојот 100-ти рецепт ја одбрав токму оваа кокос торта.

1. Најпрво, белките се матат со прстофат сол, па постепено се додава шеќерот. Се додава брашно и кокос, се меша лесно со шпатула. Се истура во обложена тава (бр. 26) со обрач кој се вади и се печe во загреана рерна на 180 степени, околу 30 минути.
2. Се загрева слатката павлака, со шеќерот во прав, па се додава чоколадото искршено на коцки. Се меша на ниска температура, па се трга настрана.
3. Жолчките се матат со шеќерот и густинот. Во тенџере на оган се загрева млекото, па кога е веќе стигнато до точка на вриење (но не зовриено) го прелеваме во садот врз жолчките, истовремено матеjки со миксер, па целата смеса ја враќаме на тивок оган, цело време мешајќи додека не се згусни.
4. Одкако е згуснат ванила кремот, го тргаме настана и го додаваме путерот исецкан на коцки, и мешаме да се соедини, па го тргаме настрана, да се излади.
5. Кога пандишпанот е малку подизладен, го попрскуваме со млако млеко, почекуваме малку да се впие убаво, па го прелеваме со чоколадниот крем. Чекаме убаво да се здрви, за да не се измешаат деловите, па кога е стегнат чоколадниот дел, прелеваме со ванила кремот (претходно изматете го со миксер).

Украсете со матена слатка павлака и потпечен кокос.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови