Има шофери на камиони кои освен возењето по белиот свет, хоби или втора љубов им е готвењето. Мој близок инспириран од една таква личност го приготви дома, ме викна и ми раскажуваше како човекот, т.е. колегата негов во импровизирани услови на само едно решо можи чуда да зготви, дури и да изгледа како од рерна да е извадено. Ова беше неговата најголема импресија тој период и кај нас и кај него често пати правена, а од тогаш минало време, неколку години.

Свинското месо се сечи на помали коцки. Се става во тенџере со масло и се запржува од сите страни. Потоа се налева пивото. Пивото треба да го поркие одозгора 2 прсти. Се додава 1 лажица мешан сув зачин и малку сол и се остава на тивко да крчка со покриен капак се додека не испари течноста. Месото ќе стани многу кревко и меко.

Во меѓувреме кромидот се сечка на ситни лентички и лукот на многу ситно.
Се додаваат во штотуку издинстаното месо заедно со биберот и куркумата. Доколку милувате други зачини, додадете по ваша желба, како оригано, нане, босилек и сл. Иако и вака си е сосема солидно на вкус. Потоа веднаш покријте со капакот. Држете цврсто и тресете го месото 1-2 пати во круг, па горе-долу неколку пати и сето ова повторувајте го барем 5 минути. Потоа оставете го така покриено најмалку 20-30 минути.

Со тресењето состојките убаво се спојуваат, а месото доомекнува и доколку е сечено на поситни коцки дел се двои како на конци. Колку е поситно сечено и колку повеќе го тресите, толку повеќе на конци ќе биди. На сликите можите да видите две варијанти. Едната е со покрупни парчиња и со помалку конци, а другата обратно. Во втората има млад кромид, но дефинитивно препораката е да се прави со веќе развиен кромид во главица. При отстојувањето со капакот додадениот кромид кога се конзумира изгледа како да е термички обработен а не жив додаден.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани