Карлови Вари е познат бањски центар и град во западниот дел на регионот Чешка во Чешката Република. Се наоѓа на реките Огже и Тепла, на околу 130 км западно од Прага.
Наречен е по светиот римски цар Карло 4 Луксембуршки, кој го основал градот во 1370 година. Познат е по своите топли извори (13 големи и околу 300 помали, и топлата река Тепла).
Град, каде во секој агол се крие чудесна архитектура, згради кои наликуваат на замоци, град каде се наоѓа фабриката за стакло „Мосер”,, град во кој е неизбежно да се купи традиционален бокал за да се проба термалната вода која е достапна за туристите. Од многуте колонади кои кријаат топли извори, каде го има и најголемиот топол извор во центарот на градот, кој достигнува висина од 12 метри, град во кој е неизбежно да се купи од нивниот традиционален ликер Бешеровка кој се произведува од 1807 година, кој во себе содржи многу лековити тревки. Град во кој е неизбежно да се купи од богатиот асортиман на Оплатки, кои се тенки, округли и единствени во свет, се прават со различен вкус и се јадат со чај, кафе, се прават како торти...
Е тука драги мои е магијата на овој мој денешен рецепт.
Донесов од Карлови Вари едно паковање на округли облантки, кои имаат долг рок на траење поради самиот состав и го чекаа денешниов ден, да направам една убава торта по моја инспирација.
Воедно со оваа торта ги поздравувам Тимот на МР и сите почитувачи на моите рецепти, излезени и презентирани од мојата кујна.

Подготовка
Во касерола на оган ставаме половина количина на млеко и шеќер да се загреваат.
Во остатокот на млеко го раствораме густинот и жолчките.
Убаво соединуваме.
Во веќе загреаното млеко во тенок млаз ја ставаме подготвената смеса и мешаме на тивко, односно додека кремот не се згусни.
Во топлиот крем ги додаваме путерот и белото чоколадо и матиме со миксер до изедначување на смесата.
Го покриваме садот со прозирна фолија, за да не фати коричка и оставаме скоро потполно да се излади.
Потоа во садот во танок млаз ја ставаме слатката павлака и соединуваме со миксер со најслаба брзина.
Жолтиот крем е готов.
Во касерола на оган ставаме да се загрее слатката павлака.
Тргаме од оган и го додаваме искршеното чоколадо.
Сместа ја изедначуваме.
Оставаме да се излади.
Потоа со миксер ја матиме, но никакао не ја прематуваме.
Туку онака, со средна густина да биде, потоа таа сама ќе си се стегни.
На чинија ставаме лист оплатка, па нанесуваме кафен фил.
Израмнуваме.
Врз него ставаме жолт фил, израмнуваме.
Повторно лист оплатка, црн фил, жолт фил, оплатка.
Со остатокот на жолт фил ги покриваме и краевите на тортата.
На страна матиме слатка павлака и ја покриваме цела торта.
Во сад го растопуваме чоколадото со маслото.
Правиме по ивиците шари.
Декорираме со свежо цвеќе.
Послужуваме.
Ќе следува и слика со пресек на тортата

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани