Пак јас со прилепски рецепт, овојпат од Марга. Го пробав кај неа и верувајте, никако не можев да погодам од што е слаткото. Не сум некој голем љубител на слатка, ама на ова не можев да му одолеам, а и голема причина е што се прави за само 10 минути. Јаболката одберете ги да бидат од потврдите, да не се ајдаред или делишес, тие побрзо ќе се распаднат.
Ставете го шеќерот и водата да зоврие.
За тоа време јаболката излупете ги, исечете ги на четвртини, па на ленти дебели отприлика 4-5 милиметри.
Ставете ги во шербетот кој веќе почнал да врие, заедно со оревите и варете ги десет минути. Марга рече дека треба точно 15 минути да се варат, ама мене ми се виде готово порано и не погрешив, зависи од сортата на јаболкото. При крајот ставете ја и ванилата и лимонтусот.
Тенџерете покријте го со крпа и оставете го така десетина часа. Соберете го во теглите.
Слаткото има многу убав изглед, личи на оние грчките слатка, парчињата светат и има некој кристален сјај.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови