Прекрасна е, неодолива, вистински рај за сите сетила. Тоа е таа, нејзиното височество, „Сипкава пита од јаболки и ореви„. Изворниот рецепт го најдов на еден друг кулинарски сајт и после првото пробување, питава ја ставивме на домашниот редовен колачарски репертоар. Со време состојките се менуваа, но главниот адут - тестото за оваа пита, си остана ист. Ја правам со години и сиве овие години еднакво уживаме како кога ја пробавме за прв пат.

Најпрво го правиме долното тесто, односно подлогата.
Во мултипрактик или во сецко, ставете ги брашното, прашакот за пециво, солта, ванил шеќерот, лимон шеќерот, ѓумбирот во прав, киселата павлака, водата и путерот и провртете кратко, Мешавината треба да изгледа како песок. Истурете ја на масата и со раце, стиснете го песокливото тесто, за да добиете топка. Замотајте ја во стреч фолија и оставете ја 30 минути во фрижидер, додека го подготвувате филот.

Јаболките излупете ги и изрендајте ги на крупната страна на рендето. Додадете ги сокот од лимон, циметот и медот и оставете ги на страна додека јаболките не пуштат сок.

Сега веќе оладеното тесто за подлогата на питата, развлечете го на набрашнета површина во соодветната форма (тркалезно, ако питата ја печете во тркалезна тепсија, правоаголно, ако ја печете во правоаголен сад и сл.).
Јас прво премерувам хартија за печење во однос на садот во кој што ќе ја печам, а потоа на набрашнетата хартија го развлекувам тестото и со се хартијата ја префлам во тепсијата. Да напоменам дека тестото треба едно 0.5 цм да излегува од хартијата за печење, за да може малку да се издигне по рабовите на садот за печење.

Јаболките исцедете ги, бидејќи за оваа пита, сокот не ви е потребен, затоа што само ќе го раскашави тестото. Во исцедените јаболки додадете ги мелените ореви и филот ставете го врз подлогата.

Од кога ќе ја нафилувате питата, го припремате горното,сипкаво тесто. Во мултипрактик, ставете го шеќерот, брашното и путерот и кратко провртете, за да повторно добиете песокливо тесто. Додадете ги мелените ореви и со рака стискајте го тестото, за да формирате мали грутчиња, ставете го преку филот од јаболки и ореви.

Печете во претходно загреана рерна на 200 Ц, додека горниот слој убаво не порумени. Печената пита оставете ја да се олади, за да се зацврсти горниот слој. Изладена, сечете ја на парчиња по желба и уживајте!

Напомена
Дадената количина на состојки е за малечка квадратна тава со димензии 20х20 цм. Кога ќе ги дуплирате состојките, се добива количина доволна за тркалезна тепсија со димензии 26-28 цм.

Филот може да го менувате, по желба. Понекогаш ја правам со шумско овошје, некогаш со мармалад од сливи, од кајсии и сл.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови