Ова е нашата најомилена салата дома прилагодена според наш вкус, која може да биде предјадење или некогаш само оброк. Вкусна, освежителна, одлична со кифлички или погача, соодветна како за секој ден така и за свечени прилики.

1. Најпрвин во поголемо тенџере во солена вода се варат ситните макарончиња, но да не се преварат. Се ставаат во ѓерѓев и се мијат со ладна вода, па се оставаат да се цедат. За тоа време се седнува и се прави најдосадниот дел - сечкањето.

2. Крставичките, морковите и саламата се сечкаат на мали коцки, а печурките се сечкаат на поголемки парчиња и сето се става во поголемо вангличе каде ќе се меша салатата.

3. Се ренда сирењето, се ставаат исцедените макарони, се додаваат лимоновиот сок, зачините и павлаката, се меша сето убаво, се чува во фрижидер и се сервира ладно. Се декорира со павлака, магдонос или по избор.

Забелешка
Киселата павлака е подобро да е со погуста масленост за подобро да се сврзат сотојките.
Крставичките и морковите се од туршија која ја правам секоја година. Кога ќе ја истрошам туршијата, користам кисели крставички од продавница, а наместо кисели моркови од туршија, варам свежи моркови во солена вода, па како замена за нивниот киселкаст вкус, по потреба во салатата додавам повеќе лимонов сок.
Сирењето секогаш ја прави доволно солена салатата, па затоа не додавам сол.
Ѕаѕики миксот како зачин не е задолжителен, но убаво одговара овде и јас го користам во повеќе јадења.

* Главната слика која ја поставив е од една домашна пригода, па така по малку може да се види како салатата е одличен прилог со останатите мои објавени рецепти кои се тука и тоа: Ролат Попај, Кроасанчиња и Жолт солен колач.
Еве ви одличен предлог за претстојните матури и полуматури.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани