Модрите домати се лупат и се сечат на ленти по должина. Од еден домат ми излегуваат 6 до 7 убави парчиња. Се разбира таа бројка ќе се промени соодветно на бројот на парчиња кои ќе ги добиеме од модрите домати.

Парчињата модри домати се оставаат во сад со ладна вода во која сме туриле 2 лажици сол. Така стојат 30 минути. Потоа ги вадиме и ги ставаме врз кујнска крпа за убаво да им се земе влагата.

Се пржат едно по едно парче во масло. Пржењето трае колку да омекнат доматите и да можат да се виткаат. Пржените модри домати ги ставаме врз салфетка која ќе ја впие вишокот мрснотија.

Потоа следи роловањето. Врз секое парче модар домат ставаме парче врат, малку рендан кашкавал и сечкани шампињони и завиткуваме. Така завитканото ролатче го замотуваме во лента чадена сланина. Ги редиме во тава за печење на начин краевите од сланината да бидат на дното за да не ни се одвитка во печењето. Јас ги печам во земјена тава која е веќе прегорена од многу користење хе хе.

Се пече околу еден час на 200 степени, односно додека убаво не заруменат. Во тавата не додаваме ништо бидеќи има доволно мрснотија која во себе ја впиваат доматите при пржењето.

На крај врз секој ролован модар домат ставаме по едно парче кашкавал. Враќаме во рерна уште десетина минути, односно додека кашкавалот да се растопи и зарумени.

На здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови