Тестото е замесено со јогурт и се премесува два пати и затоа ролните се многу меки и би ви препорачала да ги пробате.
Прво го ставаме квасецот во еден сад со 1 лажица шеќер, 2 лажици брашно и 100 милилитри млака вода. Убаво промешуваме и го оставаме квасецот да надојде.
Во подлабок сад го ставаме брашното, солта, 1 јајце, зејтинот, јогуртот и надојдениот квасец. Мешаме со дрвена лажица, а потоа тестото го домесуваме на работна површина.
Го покриваме со крпа и го оставаме да стаса и да го зголеми двојно својот волумен. Повторно го размесуваме тестото и оставаме повторно да стаса. Сега од тестото сукаме правоаголна кора со дебелина од 1 сантиметар. Сечеме ленти од кората. Секоја лента ја премачкуваме со разматена белка и ја замотуваме во ролна.
Ги ставаме на пек-хартија. Ги премачкуваме со разматена жолчка со 1/2 лажичка мед. Посипуваме сусам и ги оставаме да одморат додека да загрее рерната на 180 степени. Јас ги печев 25 минути.
Од оваа количина тесто направив 22 ролни.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови