Видов последниве денови многу слични рецепти, но ете и јас да го претставам мојот начин на подготовка.

Златната мешавина ја обаруваме и ја оставаме да се цеди.
Парчињата стек ги сечеме на половина по средината за да добиеме од секое парче по две. Меленото месо го зачинуваме со сол и бибер по вкус и му додаваме малку масло.

Секое парче стек се спрема посебно. Го истенчуваме парчето стек и го ставаме врз стреч проѕирна фолија. Малку посолуваме затоа што саламурениот стек е солен и наросуваме со бибер. Врз него ставаме танок слој од меленото месо. На едниот крај од месото ставаме од златната мешавина и со прстите ја притиснуваме малку за да не ни се растура во виткањето. (Види фотографии). Со помош на стреч фолијата виткаме ролатче убаво притиснувајќи за да не ни се растурат зрната.

Така завитканиот ролат го ставаме заедно со стреч фолијата во алуминиумска фолија. Завиткуваме така што од страните убаво го завртуваме како бонбонче.

Постапката ја повторуваме со сите парчиња стек.

Завитканите увијачи ги спуштаме во тенџере со вода која врие. Поклопуваме со капак и оставаме да врие половина час.

Со лажица решетка ги вадиме ролатите и ги оставаме убаво да се изладат. Никако не ги одвиткувајте додека се топли.

Штом се изладат ја отстрануваме алуминиумската и стреч фолијата и сечеме убави декоративни парчиња.

Од еден увијач мене ми излегуваат најмалку 10 пристојни парчиња.

Покрај што е декоративно и многу вкусно, излегуваат многу парчиња. Благодарност до мојата колешка Мимоза која ми го кажа овој рецепт со кој ги воодушевив гостите.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови