После долго време конечно да дојди ред и на мојот 100-ти рецепт.
Да се биде член на оваа страна,  поточно да се биде дел од ова прекрасно кулинарско друштво е нешто прекрасно. Некој ќе започне со само неколку рецепти, а ќе добие безброј други рецепти бесплатно и поттик за подготовка на сосесма различни вкусови, а од тие вкусови да испаднат прекрасни предјадења,главни јадења и десерти навистина значи успех.
Многу сум ви заблогодарна што запознав едно вакво прекрасно друштво од кое научив многу работи за во кујната и за примената на некој состојки. Уште од моите 15 години љубовта кон кујната беше неизмерна како што е и ден денес. Најголемата поддршка што ја добив и добивам и до денес, советите, бабините рецепти итн е благодарение на мојата мајка. Секогаш ќе и бидам благодарна што ми ги подари тие нејзини совети кој ќе ги користам додека сум жива и секогаш ќе кажувам дека сево ова што сум го постигнала до денес е благодарение на неа.
Како 100-ти рецепт се одлучив веќе многу одамна да ми биде роденденската торта на мојата мајка која ја подготвувам со сето мое срце и која ми беше изненадување и да ми биде како една најголема благодарност кон неа за сето она што ме научи до ден денес.Ти благодарам Мамо за се она што направи за мене. Па еве ја и подготовката на тортата.

Најпрво подгответе ги тестата.Јас подготовката ќе ја напишам на едно тесто, а вие повторете ја и со другите две теста.

1. Јајцата оделете ги во еден сад белтоците во друг жолтоците. Белтоците матете ги со миксер и постепено додавајте од шеќерот па матете се додека да се стопи шеќерот. Откако ќе се стопи шеќерот додавајте една од жолчките и матете по 30 секунди на секое додавање по една жолчка. Откако ќе изматите убаво додајте го маслото, млаката вода и белиот еурокрем, матете додека да се соединат убаво. На крај додајте го прашокот за пециво и брашното, па промешајте со лажица или шпатула да се соединат. Смесата истурете ја во правоаголен калап и ставете ја во претходно загреана рерна од 200С 10 минути. Сепак вие со чепкалка за заби проверете дали е доволно испечена ако не е оставете уште 1-2 минутки бидејќи некогаш зависи и до јачината на струјата.

ЗАБЕЛЕШКА
Подготовката на кафеавото тесто е исто како подготовката и на овие две теста едина разлика е тоа што плус ќе додадете 2 лажици какао во прав и црн еурокрем.

Подготовка на филот.

2.Во поголемо тенџере на оган ставете ги 13-те лажици шеќер. Мешајте постајано додека шеќерот да се карамелизира. Откако ќе се карамелизира додајте го млекото но одвојте 250 мл за промешување на пудинзите. Огнот намалете го и оставете додадека шеќерот се растопи. Во меѓувреме промешајте ги пудинзите со млекото. Кога карамелизираниот шеќер потполно ќе се растопи додајте ги пудинзите и матете додека ја добиете потребната цврстина. Така подготвениот пудинг покријте го со најлонска фолија и оставете го да се излади.

3. Во еден поголем сад изматете го маргаринот. Откако ќе го изматете додајте ја таан алвата и повторно матете да се соединат. Додајте го оладениот пудинг. Матете додека пудингот, таан алвата и маргаринот се соединат.
Во друг сад изматете ја слатката павлака и додајте ја во садот со пудингот. Повторно матете да се соединат. Додајте го и еурокремот. Повторно матете. На крај додајте го мелениот бисквит,претходно мелените ишлери и ситно мелените ореви. Изматете ги сите состојки додека да се соединат.

ЗАБЕЛЕШКА
Ако филот е многу густ слободно додајте малку млеко до посакуваната цврстина.

Филување.
Филот делете го на три еднакви делови.На еден картон или постоље ставете едно бело тесто па филувајте со еден дел филот. Над филот ставете го кафеавото тесто, другиот дел од филот и на крај ставете го другото бело тесто и премачкајте ја целата торта со преостанатиот фил.

Декорација.
За декорација најпрво ги направив чоколадните срца. Белото чоколадо го растопив со 2 лажици масло па го делив на два делови. Во еден дел од чоколадото додадов малку црвена и плава прехрамбена боја за да ми испадне виолетова, а другиот дел го оставив бел.Срцата ги имав нацртано на мрсна хартија и само си најлонско кесе пресечено малку на врвот и потполнував срцата по желба.Откако завршив со сите ги оставив да се здреват.
Слатката павлака ја изматив со 3 лажици шеќер, а шлаг кремот го изматив со 220 мл млеко и го додадов во изматената слатка павлака и матев додека се соединија.
Две лажици од изматената слатка павлака ги промешав со зелена прехрамбена боја претходно промешана со едно кафено лажиче вода за листовите на цветовите.
Другиот дел од слатката павлака го делив на два делови, половина ја направив виолетова, половина ја оставив бела. Боите кога ги додавав во слатката павлака ги промешував со малку вода да се растворат.

Се надевам дека ќе ви се допадне и оваа торта која ја обележав како мој 100-ти рецепти.
Голем поздрав до сите вас кој сте членови на оваа прекрасна страна и се разбира до прекрасниот тим на моирецепти.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани