Овие бомбици како и друг пат што се случувало, ги направив од остатоци. Бомбици до сега немам правено по рецепт, стално вака некако ми испаѓа да ги правам од рециклирани состојки хехехехе. Ми остана глазура (од чоколадо, путер и слатка павлака) од претходниот десерт кој го правев со чајните тркалца, а и ми останаа 10тина искршени тркалца па реков да ги искористам. Ми остана и кокос, таман за прпелкање. Состојките не ги мерев, но отприлика вака беа. Не ми беше ни идејата да правам рецепт, ни па да го споделам, повеќе сакам да ја поттикнам креативноста и искористувањето на остатоците од храна.

Прво растопете го чоколадото измешано со путер и павлака за готвење. Во последно време користам неутрална павлака наместо слатка. Истата е само оваа што нема шеќер. Чоколадото само треба да се соедини и измеша со павлаката, нема потреба да вари.
Нека подолади смесата па потоа додадете мелени или кршени бисквити. Додадете мелени ореви по потреба, а ако сакате можете да ја зголемите количината на мелени бисквити-нема правила, битно е смесата да се згусни.
Ставете ја да се стврдни и олади побрзо во замрзнувач.
По 10тина минути ладење, оформувајте бомбици и прпелкајте ги во кокос.
Бомбиците не се преблаги, но доволно се благи од чоколадото и бисквитите. Може да ги испрпелкате во чоколадна глазура па во кокос по желба. Од оваа количина добив 16тина бомбици од кои 15 ги изеде сопругот во 1 ден.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови