Ова се познатите кинески дамиплингс, кои ние од рускиот јазик ќе си ги викаме пелмени, сега во пржена варијанта.
Другата варијанта се варени во вода, кои ќе ги пробам следен пат, а сега пржените бидејќи ми се омилени.
Прво се замесува тврдо тесто со состојките. Квасецот, шеќерот и солта сите ги мешам со брашното и топла вода. Оставете го да отстои околу 30 мин. Не треба многу да нарасне. Доволно е малку да омекне, меѓутоа сепак да биде тврдо.

Го правите филот за пелмените. Во Кина користат разни видови, од мелено месо, до зеленчуци во повеќе комбинации.
Мојата е следната-Зелката, морковот, печурките се сецкаат ситно. Ги ставате сите зачини наведени и едно јајце. По желба може и чили сос.

Се расукува тестото на тенка кора, помалку од 1 см дебелина. Со чашка се сечат крукчиња.
Секое крукче малку се расукува да се направи потенко. Потоа во средината се става филот. Со прстот и малку вода краевите се натопуваат да биде како лепак, поубаво да се затворат пелмените. За поубава претстава, може да ги погледнете сликите.
Прво на средината ќе се спојат, од едната страна превиткуваме трипати кон надвор и затвораме. Потоа и другата страна.
Редиме во вок тавата. Ставаме топла вода, на пола од пелемените. Значи да не ги преливате со вода. Поклопуваме со капак. Следете ги додека врие водата, може ќе треба да се намали температурата на послабо.
Водата за 5 мин треба да изврие. Не се секирајте и да се залепат, не е страшно. Додека врие водата, капакот си стои.
Ставете масло и потоа ќе се одлелат и може да ги пропржите од сите страни.
Мене ми изглегоа три тури во вок тавата, значи некаде околу 30тина.
Се јадат со сос од оцет кинески или балсамико и соја сос.
Искрено се изненадив дека ќе испаднат вака убави. Превкусни се.

Пробајте со друго полнење, бидете креативни и уживајте!

На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани