Често присутно посно јадење во лето ... посно караванче ... вака си го викаме ова јадење во Прилеп, да не биде само грав во петок, ха, ха.
Во јадењево грашокот не е задолителен, ама останатото да.
1. Во бронзена тава бр. 28 (кај нас бронзена тава се вика караванче), го ставаме сечканиот кромид, сечканите пиперки, замрзнатиот грашок, посолуваме и ставаме масло. Пржиме на најголемата рингла се додека течноста што ќе ја испушти зеленчукот да испари и порумени.
2. Го додаваме оризот, пржиме, потоа додаваме црн пипер, сув зачин, црвен пипер, кратко пржиме и ги ставаме црвените домати (излупени и исечкани на коцки).
3. Ова се пржи цело време на умерена температура, потоа се додаваат компирите исечкани на коцки, и на крај се става млака вода да го покрие зеленчукот.
4. Ја пуштаме рерната на најсилно, а додека таа се загрева, течноста во тавата треба да врие и да промешуваме повремено.
5. Штом рерната е загреана и тавата на ринглата врие, тавата ја ставаме во рерна. Намалуваме на 220 степени.
По петнаесетина минути намалуваме на 200 степени и оставаме се` додека да се свари зеленчукот и да се потпече.

Забелешка
Од мајка ми научив дека кога се прави ориз во рерна или некое друго јадење кое содржи ориз, а треба да се подготви во рерна, мора течноста во тавата да врие и рерната да е загреана, во спротивно, оризот ќе ви се залепи на тавата и ќе биде како песок.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани