Овој рецепт ми го кажа еден колега. Го зготвила неговата ќерка. Таа живее во Америка, а пролетва беше дојдена, па тој онака татковски се пофали а јас бев сигурна дека имам нов рецепт за омилената страница на интернет.

Важно е дека ова јадење се подготвува во подлабока керамичка нелеплива тава.

На малку масло го пропржуваме кромидот ситно исечкан. Компирите ги сечкаме на многу ситни коцкички и кога кромидот ќе ни омекне, ги додаваме и нив. На тивок оган ги пржиме петнаесетина минути додека убаво не се зготват. Посолуваме и наросуваме бибер.

Ја тргаме тавата од оган и оставаме смесата да се подизлади.

Во длабок сад ги кршиме јајцата и ги маткаме со маткало како за омлет. Во нив ја додаваме подизладената смеса од тавата. Ја враќаме тавата на оган да се загрее убаво и со длабока црпалка истураме половината од измешаниот омлет. Кога јајцата ќе се запржат во средината на тавата една врз друго ги редиме тенко иссечкани парчињата врат и кашкавал наизменично. За илустрација мене ми дојдоа по четири парчиња од едното и другото. Не ги распостиламе преку цела тава, туку во средината како куп. Ја намалуваме јачината на огнот и оставаме додека кашкавалот почне да омекнува. Тогаш врз целата тава го дотураме преостанатиот материјал од омлетот. Чекаме малку да се запечи.

Со помош на плитка и широка чинија омлетот го превртуваме. Со нелепливата тава тоа е многу едноставно. Значи еднаш го слизнуваме во чинијата, а потоа од чинијата го превртуваме назад во тавата. Пржиме само уште една минута и го вадиме готовиот двојник на чинија за сервирање. Го сечеме на четвртини. Од пресечената внатрешност ќе се излее растопениот кашкавал. По желба декорираме со кечап, мајонез, салата и слично. Јас го спремив за вечера и го снема за две минути. Рекоа дека бил вкусен и побараа да ветам дека наскоро пак ќе им направам.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови