Ова е една идеја, за брз ручек, на мексички начин. Некогаш варирам со состојките кои ги ставам внатре, па така имам додавано црвена зелка, пченка, свеж кромид... Тука ви го презентирам начинот, како јас го правев последен пат.
1. Најпрво, подготответе го гвакамолето. Препорачувам, да не го избегнувате, затоа што ептен добро се вклопува во целото јадење и дава свежина. Авокадото, испасирајте го со лажица и во него додајте ги маслиновото масло, сокот од лиметата  и сецканото чешне лук. На крај додајте, ги и сецканиот на коцки домат, па посолете по вкус. Јас немав лимета, па наместо тоа ставив балзамико оцет и испадна совршено. Покријте го со фолија и оставете го фрижидер намазот.
2. Пилешките гради, исецкајте ги по должина, на парчиња. Ставете ги да се пржат на претходно загреано масло. Пржете ги околу десетина минути, а потоа додајте го на ленти сецканиот кромид и благата пиперка. Пржете околу десетина минути се заедно, посолете по вкус, наросете мелен црн бибер и додајте црвен пипер, јас додадив околу една мала лажичка.
3. На тефлонско тавче и умерен оган, ставете ја тортиљата. Запечете ја од едната и другата страна, а пред крај додадете го ренданиот кашкавал, па тргнете од оган. Повторете го ова, со сите тортиљи.
4. Потоа, врз тортиљата и кашкавалот, премачкајте со гвакамолето, па додајте го од прженото пилешко. Врз пилешкото, ставете еден лист кашкавал, па премачкајте со павлака. Врз павлаката наредете кругови свежа краставица, па додајте ја претходно сецканата марула. Врз марулата нанесете кечап и мајонез, па замотајте ја тортиљата.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови